Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека студентите кои се во блокада, односно, како што тој ги нарекува, „блокадери“, негативно реагирале на неговото извинување за тешките зборови што ги упатил кон нив, бидејќи, како што рече, „така младоста, во револуционерен занес, истрчува пред да размисли“.
„Моето извинување беше искрено, не затоа што сакав некому да се додворам, ниту затоа што, како што некои мислат, се исплашив, туку од желба да ја сменам атмосферата во општеството“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека на „ирационални навреди понекогаш реагирал емотивно“, но дека знае да го признае тоа — за разлика од политичките противници. „Мојата рака е подадена кон оние кои мислат поинаку“, порача Вучиќ, истакнувајќи дека има свои идеи, но дека е претседател на сите граѓани.
„Среќен сум што сè помина мирно и достоинствено“
Тој исто така изјави дека ќе им излезе во пресрет на „блокадерите“ и дека парламентарните избори ќе се одржат предвреме, за што ќе одлучат надлежните институции.
Говорејќи за вчерашното одбележување на годишнината од трагедијата во која загинаа 16 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад, Вучиќ рече дека на врвот на собирот имало околу 40.000 луѓе, дека комеморација се одржала и во храмот Свети Сава во Белград, и дека е среќен што сè поминало „мирно и достоинствено“.
На прашањето за апсењето на новосадскиот одборник Миша Бачулов, кој е обвинет дека се обидел да инсценира сопствено труење за да го обвини Вучиќ, претседателот на Србија изјави дека му е „скоро жал за тој човек, бидејќи помислил дека е важен“.