Во Палатата на Србија денеска се одржа вонредна седница на Владата на Србија, посветена на состојбата со Нафтената индустрија на Србија (НИС). Седницата ја водеше претседателот Александар Вучиќ, кој најави дека до следната недела мора да биде донесено конкретно решение за иднината на компанијата, во која доминантен сопственички удел имаат руски партнери.
„До следната недела мора да донесеме одлука и да имаме решение за НИС. Се надевам дека азиските и европските партнери, со кои разговараат руските партнери, ќе прифатат да преговараат за сопственоста, што би значело дека можеме да го информираме ОФАК со заедничко писмо“, изјави Вучиќ.
Тој додаде дека, доколку Русите не успеат да постигнат договор со своите партнери за цената, Србија ќе биде подготвена да понуди подобра цена за рускиот удел во НИС.
Премиерот Ѓуро Мацут оцени дека Србија се наоѓа во кризна состојба од прв степен, додавајќи дека Владата ќе заседава секојдневно додека не се стабилизира состојбата. „Мораме да ја одржиме стабилноста на државниот систем, особено во јавните услуги и во сè што е поврзано со секојдневното работење. Ќе се состануваме секој ден, ова е кризна состојба од прв степен“, рече Мацут, пренесува РТС.
Претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, на седницата изјави дека, доколку биде потребен ребаланс на буџетот, Собранието ќе реагира брзо. Вучиќ се надоврза, велејќи дека е важно сите граѓани да ја разберат сериозноста на ситуацијата. „Гледам дека некои повикуваат на национализација, но нашата политика е поинаква – партнерска и пријателска. Со Руската Федерација ќе почекаме до последен момент и ќе им дадеме можност да ги продадат своите средства“, порача Вучиќ.
Претседателот ги изнесе и моменталните оперативни резерви на Нафтената индустрија на Србија, нагласувајќи дека граѓаните нема причина за паника: 7.200 тони бензин, 33.000 тони дизел и 3.800 тони керозин. Покрај тоа, Српската армија располага со 15.000 тони керозин, а дополнителните државни резерви вклучуваат 50.340 тони бензин, 92.654 тони дизел, 8.128 тони течен нафтен гас, 84.000 тони сурова нафта, 188.000 тони дизел и над 68.000 тони мазут во стоковни резерви. „Имаме стабилни резерви и никој не треба да се грижи за авионите или снабдувањето со гориво“, рече Вучиќ.
Претседателот му наложи на директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, да ги заврши заостанатите инфраструктурни проекти. „Да се заврши гасоводот до Ваљево, гасоводот Александровац–Тутин и делницата од Лесковац до Врање. Потребен ни е интерконектор со Северна Македонија, за да можеме да обезбедиме повеќе гас во иднина. Не ме интересира кој има нешто против тоа“, рече Вучиќ.
Во завршницата, Вучиќ повтори дека Србија нема намера да презема еднострани мерки за национализација или заплена на имотот на НИС, туку ќе се обиде да најде партнерско и економски одржливо решение. „Нашата политика не е конфискација, туку партнерство. Србија ќе ја заштити својата енергетска стабилност, но и меѓународната соработка,“ заклучи претседателот.