Година дена студентски протести во Србија: Борба за правда и игра на исцрпување
Измина една година од падот на бетонската надстрешница на железничката станица во Нови Сад, трагедија во која загинаа 16 лица. Настанот, кој го потресе целото општество, стана симбол на системска небрежност и корупција — а од него започна и најдолгиот студентски протест во поновата српска историја, пишува DW.Денес, студентите и власта се наоѓаат во состојба на меѓусебна исцрпеност. Студентското движење предводено од лица како Борис Којчиновиќ од Нови Сад, прерасна во широка мрежа на поддржувачи во земјата и дијаспората, под слоганот „Рацете ви се крвави“. Преку маршеви, средби и иницијативи, младите активисти бараат правда и институционална одговорност за трагедијата.„Нашата победа е во тоа што луѓето сфатија дека нешто не функционира и дека ни треба праведно општество со институции што работат“, вели Којчиновиќ.Студентите за една година научија да организираат, преговараат и издржат притисок, но не и да ја натераат власта да преземе одговорност. Владата, пак, одговори со обиди за смирување на протестите – преку поевтини кредити за млади, повисоки плати за професори и притисоци врз демонстрантите преку кампањи и полициски акции.Политичкиот аналитичар Зоран Стоиљковиќ го опиша односот меѓу студентите и власта како „рамнотежа на немоќ“. Директорот на ЦЕСИД, Бојан Клачар, се согласува дека земјата е во долготрајна политичка криза без видлив исход. Според него, иако владејачката коалиција е посилна отколку пред шест месеци, не ја повратила целосната контрола, а студентите успеале да ја променат општествената клима, но не и политичките односи на сила.За движењето, изборите се единствениот излез. Претседателот Александар Вучиќ најави избори за наредната година, без конкретен датум. Клачар оценува дека токму тоа е главниот адут на СНС, која може да го избере моментот што најмногу ѝ одговара.Од другата страна, студентите имаат две цели: да ја задржат високата енергија и да создадат „референдумска атмосфера“ — состојба во која ќе се гласа за промена, а не за личности или партии. Иако дел од јавноста смета дека им е потребна соработка со опозицијата, студентите тоа го одбиваат. „Не сакаме да го изгубиме својот идентитет. Нашата борба е поширока од политичкиот систем“, вели Којчиновиќ.Движењето веќе подготвува изборна стратегија, формира тимови и програма, но имињата на кандидатите се чуваат во тајност. Според анкетите, потенцијалната студентска листа ужива значителна поддршка, иако формално не постои. „Доаѓа до хомогенизација на двете страни – власта ја задржува базата, но студентите ги обединија незадоволните“, објаснува Клачар.Покрај тоа, во студентското движење се забележува внатрешен идеолошки судир. Дел од учесниците покажуваат наклонетост кон десниот спектар, што загрижува дел од основачите. „Тоа е последица на образовниот систем и медиумските наративи, но не мислам дека сме се оддалечиле од основната идеја – да изградиме општество на праведност и институции што функционираат“, додава Којчиновиќ.Студентите планираат масовен собир на 1 ноември, на годишнината од несреќата во Нови Сад. Очекуваат 10.000 пешаци и 5.000 велосипедисти, а на денот на комеморацијата и десетици илјади граѓани. Власта ги обвинува дека подготвуваат насилство, но организаторите возвраќаат: „Нашиот протест е достоинствен и ненасилен. Една година помина, а никој не одговараше – иако извештаите покажуваат очигледна корупција.“„Ќе продолжиме сè додека не се распишат избори на кои волјата на граѓаните нема да биде манипулирана“, порачува Којчиновиќ.
Свет
|
пред 1 месец