Косовската претседателка Вјоса Османи денеска ја потпиша одлуката за распуштање на Собранието, откако вчера пропадна и вториот обид за формирање влада. Според регионалните медиуми, изборите за нов парламентарен состав би требало да се одржат кон крајот на годината.
Расписот следува по неуспехот политичките лидери да постигнат договор за пратениците денеска да гласаат за неколку значајни спогодби, пренесе Радио Слободна Европа.
„Во согласност со Уставот на Косово и важечкото законодавство, а по денешното прифаќање на одлуката на Собранието на Косово во врска со неуспехот на вториот мандатар да формира влада, претседателката на Република Косово денеска го распушти деветтиот собраниски состав“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката.
Кога ќе се одржат изборите?
Претседателот на Демократската партија на Косово, Бедри Хамза, изјави дека на средбата со Османи побарал изборите да се одржат на 21 декември, бидејќи на земјата „итно ѝ се потребни институции“. Како втора опција бил предложен 28 декември.
И претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, побара изборите да се одржат на 21 декември, додавајќи дека неговата партија ќе настапи самостојно.
Од друга страна, лидерот на партијата Гуксо, Фатон Пеци, истакна дека нивниот предлог е изборите да бидат на 28 декември, „за да има Државната изборна комисија доволно време за подготовка“.
Претседателот на Социјалдемократската иницијатива, Фатмир Лимај, оцени дека распишувањето вонредни избори е „лоша вест“. Тој посочи дека партиите девет месеци не успеале да изградат соработка, што, како што рече, покажува „неспособност и незрелост во процесот на градење држава“. Лимај сепак смета дека 21 декември е најсоодветниот термин.
Неуспешни обиди за влада
Средбата се одржа еден ден откако потпретседателот на движењето „Самоопределување“, Глаук Коњуфца, не успеа да обезбеди потребно мнозинство за формирање нова влада на 19 ноември. Претходно, на 26 октомври, и лидерот на „Самоопределување“ Албин Курти не успеа да формира кабинет.
Поради тоа, Косово и понатаму функционира со техничка влада избрана на парламентарните избори одржани на 9 февруари 2025 година. Најголемите партии на косовските Албанци не успеаја да постигнат договор за повеќе прашања, меѓу кои и за организацијата на изборниот процес, што доведе до серија одложувања.
Според Уставот, доколку влада не формира ниту вториот мандатар, претседателката мора да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена од денот на распишувањето. Кабинетот на претседателката сè уште нема дадено информација за точниот датум на распишувањето.