Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ја затвори кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае, откако поголем број ученици се пожалиле на силни стомачни болки. Инспекторатот веднаш нареди вонредно чистење, здравствени прегледи за вработените и земање мостри од работните површини, со цел да се утврди точниот извор на заразата.
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, потврди дека кујната е затворена како потенцијален извор и дека е издадено решение за забрана за работа. Со него се наложува вонредна дезинфекција, дезинсекција, дератизација и спроведување здравствено-хигиенски мерки од овластена институција.
Меѓу затруените деца е и помладиот син на премиерот Христијан Мицкоски – Антониј. Според информациите објавени од „Нетпрес“, детето било меѓу хоспитализираните, но по укажаната медицинска помош е пуштено на домашно лекување.
Портпаролката на Владата, Душица Митева, ја потврди информацијата и упати желби за брзо закрепнување до сите ученици погодени од труењето.
„Им посакуваме на сите деца што побрзо оздравување и безбедно враќање во училиштето“, изјави Митева.
Инспекциските служби продолжуваат со проверки, а резултатите од земените мостри треба да потврдат дали навистина кујната е изворот на труењето.