ВМРО–ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од СДС за наводни неправилности во јавни набавки, оценувајќи дека станува збор за „обиди за креирање скандали“ и „спинови“ со цел политички притисок. Од партијата тврдат дека постапките што се оспоруваат биле спроведени согласно Законот за јавни набавки и дека во двата случаи победиле компании со „најповолна понуда“.
Од ВМРО–ДПМНЕ наведуваат дека лицата споменати од СДС „немаат сопственичка или друга врска со фирмите што учествувале на тендерите“, ниту пак, како што велат, имале допирни точки со самите процедури.
Во реакцијата се обвинува СДС дека, наместо да поднесе докази доколку ги има, преку јавни настапи „генерира хистерија“ околу случаи за кои, според ВМРО–ДПМНЕ, нема основ. Дополнително, партијата истакнува дека СДС треба да се обрати до јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кого го посочуваат како „надлежен да постапи доколку постојат индиции за незаконско постапување“.
Во партиското соопштение се споменуваат и повеќе случаи во кои, според ВМРО–ДПМНЕ, не била обезбедена одговорност во периодот кога СДС била на власт – меѓу нив постапките за модуларните болници, набавките на вакцини и приватизацијата на стерилизацијата во здравствените установи.
Партијата се осврнува и на обидите за поврзување на Ивица Томовски со фирма за хигиенски услуги, наведувајќи дека и тој и компанијата демантирале поврзаност. Од ВМРО–ДПМНЕ прашуваат дали истата компанија, која добивала тендери и во периоди кога СДС управувала со институциите, тогаш „работела под нивна надлежност“.
Од СДС засега нема нова реакција на најновите обвинувања.