Експремиерот Никола Груевски, кој живее во Унгарија како азилант, повторно јавно ги нападна Зоран Заев и Венко Филипче, обвинувајќи ги за политичка и лична дволичност.
Груевски тврди дека Заев во јавноста се претставува како силен поддржувач на Украина и западните политики, додека во позадина, преку свои фирми, со години купувал евтин челик од Русија и со тоа – според него – индиректно придонесувал за финансирање на руската економија во време на санкции.
Тој наведува дека Заев „барал“ испраќање македонски војници во Украина, а приватно водел бизнис-зделки со руски компании за личен профит.
Груевски тврди дека Венко Филипче знаел за тие активности и дека добил „златна виза“ во Дубаи не како лекар, туку како инвеститор со вложени најмалку 550.000 долари – средства за кои, како што наведува, „не може да се објасни потеклото“ со лекарска плата.
Тој потсетува и на обидот за набавка на вакцини во време на ковид-кризата, за кој вели дека Заев и Филипче сакале приватно да посредуваат преку фирма што тие ја контролирале, со цел да остварат лична заработка.
На крај, Груевски вели дека по недели напади од СДСМ „не добил ниту еден суштински демант“ за, како што тврди, нивните „бизнис-интереси, дволичност и нетранспарентни зделки“.